Убедлива победа од 6:3 извојуваа фудбалерите на „Фудбал старс Аутовелт“ против гостинскиот тим „Партизан југ“ од тетовско Брвеница, во рамки на заостанатиот натпревар од второто коло во Втората футсал лига на Македонија.
Победата и освојувањето на трите бода не беше лесно, со оглед што гостите кои се на врвот на табелата, покажаа цврста и ефикасна одбрана во поголемиот дел од натпреварот што синоќа се одигра во салата на ОУ „Крсте Мисирков“ во Оризари.

Домашниот тим го отвори резултатот многу рано, уште во првата минута, и постојано беше во водство, па и по предноста од 3:2 на „Фудбал старс Аутовелт“ гостите успеаа да направат неизвесност кога во еден период го изедначија резултатот на 3:3. Во вториот дел имаше получасовен прекин, поради тоа што претставникот на гостинскиот тим бараше да се обезбеди присуство на полициски службеници.
Во продолжението домашните заиграа поангажирано и успеаа да ја разбијат одбраната на „Партизан југ“ постигнувајќи уште три погодоци и да ја потврдат победата. Кико Крстов и Славче Живков постигнаа по два, а Ѓорѓи Зашев и Давид Тренчев по еден гол за „Фудбал старс Аутовелт“.
Со освоените вкупно 6 бода во трите одиграни кола, „Фудбал старс Аутовелт“ во моментот е на второто место на табелата, а во следното четврто коло екипата ќе биде слободна.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






