Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, заедно со Организацискиот одбор за одбележување на годишнината од трагичниот настан во градот, упатија апел за достоинствено одбележување на 16 март.
На денешната прес-конференција беше истакнато дека овој ден треба да помине во знак на длабока почит кон загинатите и со искрена грижа за закрепнување на повредените.
Во рамките на подготовките за годишнината, градоначалникот Грозданов упати официјална препорака до сите јавни институции и приватни правни субјекти во градот. Целта е да се создадат услови за вработените и граѓаните да можат непречено да учествуваат во планираните комеморативни активности.
-Ги повикуваме институциите, во рамките на своите можности и организацијата на работниот процес, да покажат разбирање и да создадат услови граѓаните и вработените достоинствено да оддадат почит и да учествуваат во активностите посветени на сеќавањето на жртвите, истакна Грозданов. Тој додаде дека поддршката од приватниот сектор е исто толку важна за придонесот кон заедничкото оддавање почит.
Градоначалникот ја нагласи моралната обврска на заедницата да остане обединета и да им пружи поддршка на семејствата кои биле погодени од трагедијата.
-Наша заедничка обврска е да ги зачуваме сеќавањата, да покажеме почит кон загинатите и да останеме покрај повредените и нивните семејства. Кочани никогаш нема да ги заборави своите деца, но Кочани ќе продолжи да живее – со достоинство, со солидарност и со надеж, порача првиот човек на општината.
Одбележувањето на 16 март во Кочани останува чин на заедничко сочувство, но и на цврста верба во иднината и заедницата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






