На срдечна средба во кабинетот на градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски ја презеде функцијата во новиот четиригодишен мандат од својот претходник Миле Петков.
Во краткиот меѓусебен разговор на примопредавањето стана збор за актуелната состојба и плановите за развој на Општината. Притоа Петков нагласи дека се работи за одговорна и сериозна функција, а на Костадиновски му порача дека седнувањето во градоначалничката фотелја бара многу работа и посветеност за да се исполнат ветените проекти.

-Во оваа прилика сакам од мое лично име на Митко Костадиновски да му го честитам изборот за градоначалник, како и на сите членови на Советот на Општина Виница. Во рамките на оваа средба го запознав новиот градоначалник со тековните проекти коишто се реализираат во Општина Виница и планот за нивно реализација во натамошниот период. Се надевам и сум сигурен дека Костадиновски ќе продолжи со реализација на проектите коишто беа започнати од оваа локална власт и дека ќе внесе нова свежина и енергија во работата на Локалната самоуправа на Виница, истакна досегашниот градоначалник Петков.

-Денеска и официјално стапив на функцијата градоначалник на Општина Виница. По тој повод сакам да се заблагодарам на сите граѓани што го дадоа својот глас за нас како политичка партија и да им ветам дека сѐ она што беше во програмата во најкус можен рок ќе биде реализирано, нагласи новиот градоначалник Костадиновски.
По примпоредавањето на градоначалничката функција и доделувањето на уверенијата на членовите во Советот на Општина Виница, новоизбраната локална власт почнува со работа и реализација на најавените проекти.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






