Доброволната спасителска служба „Осогово“ од Кочани беше домаќин и организатор на дводневна обука за спасување и извлекување лица во зимски услови и лавини на планина што се одржа на Пониква.
Преку теоретски предавања и практични вежби што ги предводеше професорот Борис Стојановски, лиценциран инструктор за спасување, беа претставени ефикасни начини за укажување прва помош на повредени, нивно извлекување и транспортирање до најблиска здравствена установа.

Учесниците на обуката се запознаа и со функционалната поставеност на системот за заштита и спасување, а лекар специјалист одржа предавање за укажување прва помош со посебен осврт за помагање на планина во зимски услови.

-На обуката учествуваа дваесетина членови од нашата спасителска служба, кои ги поминаа теоретските и практичните предавања и се стекнаа со сертификати за планинско спасување и укажување прва помош. Исто така, имаше и колеги од Крива Паланка, Делчево и од Гевгелија каде постои интерес за формирање слични спасителски служби, со што очекуваме во наредниот период нашата мрежа да се прошири, за ИПТВ Канал 8 информираше Гоце Исајов, претседател на Доброволната спасителска служба „Осогово“.

Обуката на Пониква се реализираше во соработка со Црвен крст – Кочани и Дирекцијата за заштита и спасување – Кочани.



©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






