Општина Чешиново-Облешево презема значајни чекори за подобрување на социјалната и спортската инфраструктура.
Главниот фокус е ставен на унапредување на предучилишното образование преку договор за грант од Министерството за социјална политика, демографија и млади, што денеска го потпишаа министерот Фатмир Лимани и градоначалникот Јорданчо Костадинов.


Со овој договор се обезбедуваат средства за реконструкција и пренамена на старата амбуланта во Облешево за потребите на градинката „Ѕвездички“. Проектот, кој е целосно финансиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади, предвидува неискористените општински простории да се трансформираат во функционален објект за згрижување и воспитување на децата. Оваа мерка директно ќе го реши проблемот со недостиг на капацитет во детската градинка „Ѕвездички“ во Чешиново и ќе овозможи квалитетен пристап до предучилишно образование за најмладите жители на општината.

Паралелно со овој проект, во општина Чешиново-Облешево се инвестира и во спортскиот дух на младите. Во селото Соколарци свечено беше пуштен во употреба нов мултифункционален спортски терен.

Градоначалникот Костадинов, заедно со претставникот од Министерството за спорт, Илија Ристески, симболично го отворија теренот кој е реализиран со поддршка на Министерството за спорт и Владата на Република Македонија.
Новиот спортски објект го носи името „Адријан и Иван“, во знак на сеќавање на децата кои трагично го загубија животот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Намерата на локалните власти е овој терен да стане центар за дружење и спортување на младите, создавајќи нови убави спомени, додека истовремено служи како трајно потсетување на „нашите ангели“.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






