Општина Зрновци ќе инвестира средства од сопствениот буџет со кои ќе се реализираат проекти за реконструкција, изградба и асфалтирање улици со вкупна должина од над 1.000 метри во општинскиот центар.
Се работи за дел од инвестициите планирани со Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на општинските патишта и улици за 2025 година, што беше усвоена на крајот на минатата година, а чија вкупна вредност е 42,6 милиони денари.

-Ќе реализираме значајни инфраструктурни зафати со реконструкција и изградба на улици низ општината, како проекти што ќе донесат подобра инфраструктура, поголема безбедност и модерен изглед на нашите населени места. Согласно утврдените приоритети, во овој дел се опфатени делови од улици кои никогаш досега не биле асфалтирани, оштетени улици асфалтирани на крајот од деведесеттите и почетокот на двеилјадитата година, како и краци од улицата „Илинденска“, што претставуваат значаен сообраќаен правец и првичен урбан впечаток покрај административниот влез на општина Зрновци, истакнува градоначалникот Борчо Коцев.

Општина Зрновци веќе го објави јавниот повик за избор на изведувач на градежните работи, а според техничката спецификација ќе се работи на реконструкција и изградба на крак 3, 4, 5 и 6 на улицата „Илинденска“, реконструкција на крак 1 на улицата „Маршал Тито“, реконструкција на дел од улицата „Тодор Арсов“, изградба на улицата „1 Мај“ и дел од плоштад. Исто така, ќе се работи на изградба на улицата „Гоце Делчев“ и крак од истата од крстосницата над ОУ „Синиша Стоилов“ до катастарската парцела 5949/2, како и асфалтирање на мостот кај објектот Соколана.
Пријавувувањето на заинтересираните фирми за реализација на сообраќајната инфраструктура во Зрновци е до 24 јули, а по изборот на најповолниот понудувач преземените обврски ќе треба да се реализираат во период од четири месеци.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






