Општинската администрација во Локалната самоуправа на Чешиново-Облешево е дополнета со вработување на неопределено време на пет од бараните шест нови службеници, а кои ќе бидат ангажирани на различни работни места.
Вработувањата се реализирани по јавниот оглас што беше објавен во средината на јуни за потребите на одделенијата за финансиски прашања, за урбанизам и комунални дејности, за локален економски развој, за јавни дејности и за инспекциски работи.
Со огласот се примени по еден соработник за поддршка на локалниот економски развој, советник инспектор за комунални работи, самостоен референт за организирање културни и спортски манифестации, помлад соработник за извршување на буџетот и самостоен референт – комунален редар.
Огласот не е целосно пополнет, односно не е направен избор за уште една позиција – советник за поддршка во изградба на локални патишта и улици, со оглед што немало канидидат кој се квалификува за тоа работно место.

Согласно Законот за вработување административни службеници, изборот на кандидатите го спроведе општинска комисија за селекција. Градоначалникот на Чешиново-Облешево Далибор Ангелов веќе ги потпиша одлуките за избор на новите службеници, а по истекот на законскиот рок за жалби и по издавањето писмени решенија тие почнуваат со работниот ангажман.
За дел од работните места за кои се вработени службеници со овој јавен оглас, Општина Чешиново-Облешево имаше распишано оглас и во февруари годинава, но тие не беа пополнети со оглед што немало кандидати кои се квалификуваат. Тогаш беа избрани само кандидатите за работното место урбанистичко-градежен инспектор и за соработник за имот на Општината.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






