На осмата редовна седница на Советот на Општина Чешиново-Облешево, која започна со минута молчење по повод годишнината од пожарот во дискотеката „Плус“, советниците едногласно донесоа низа одлуки за трајно одбележување на споменот на загинатите млади сограѓани.
По иницијатива на градоначалникот Јорданчо Костадинов, а во директна соработка со семејствата на настраданите, Советот ја усвои точката од дневниот ред за изградба на спомен-обележје. Споменикот ќе биде поставен во паркот во Облешево.

-По моја иницијатива и во соработка со семејствата засегнати од несреќата во дискотеката „Пулс“’, на заеднички состанок произлезе идеја за изградба на вакво спомен-обележје во паркот во Облешево, на одредена локација кај што е сега нефункционалната фонтана, истакна градоначалникот Костадинов пред советниците.
Тој појасни дека општинските служби за урбанизам веќе работат на потребната документација за проектот да биде реализиран соодветно на сите законски стандарди до крајот на месецот.

Покрај изградбата на споменикот, Советот донесе одлука и за покривање на трошоците за изградба на ограда на гробните места на загинатите деца. Оваа мерка, која исто така произлезе од разговорите со семејствата, ќе биде целосно финансирана од општинскиот буџет.
Во духот на сеќавањето и поддршката за младите, едногласно беше прифатено и дополнувањето на Програмата за спортски и културни манифестации со организирање на Меморијален турнир „16-ти март“. Турнирот ќе се одржува во училишниот двор во село Соколарци во траење од три дена.

-Турнирот ќе биде посветен на децата од село Соколарци коишто ги имаат загубено животите таму, нагласи градоначалникот, посочувајќи дека оваа иницијатива е дополнителен начин заедницата да им оддаде почит на настраданите.
Сите предложени одлуки поврзани со одбележувањето на оваа трагедија беа поддржани со 11 гласа „за“ од советниците кои покажаа целосно единство во Советот по ова чувствително прашање.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






