На првиот ден од новата учебна година в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски им се обрати на сите ученици во општината и им посака успешен почеток во образованието.
-Со почетокот на септември почнува ново поглавје во образованието. Ви посакувам среќен и успешен почеток на оваа учебна година, исполнета со нови знаења, искуства и можности. Секој почеток носи нова енергија и нови цели. Вашето училиште е местото каде што учите, растете, градите пријателства и ја креирате својата иднина, истакна Крстевски.
Во својата порака тој упати благодарност и до сите наставници и родители, истакнувајќи ја важноста на нивната улога во образованието на децата.
-Вашата посветеност и труд се основата на секој успех на учениците. Заедно, како заедница ќе продолжиме да работиме на тоа да ги создадеме најдобрите услови за учење и развој, додаде Крстевски.

И градоначалникот на Општина Зрновци, Борчо Коцев присуствуваше на свеченоста на која заедно со учениците и наставниците од ООУ „Синиша Стоилов“ беше одбележан почетокот на новата учебна година.
-Посебна чест е што пречекавме нова генерација првачиња – наши најмали ученици кои го започнуваат своето училишно патување исполнето со знаење, другарство и нови предизвици. На сите ученици им посакувам успешна и радосна учебна година, исполнета со многу нови знаења и искуства. Благодарност до наставниците и вработените за нивната посветеност и љубов во воспитно-образовниот процес. Нашата општина останува посветена на подобри услови за работа и учење, затоа што децата се нашата најголема инвестиција и иднина, истакна градоначалникот Коцев.

Свечено беше и во Виница каде на почетокот на учебната година, градоначалникот Миле Петков им се обрати на учениците.
-Прв училишен ден – нови почетоци и нови инспирации! Образованието е темелот на секое општество. Ќе продолжиме да инвестираме во безбедни, модерни и инспиративни училишта за нашите најмлади сограѓани. Им посакуваме на сите ученици успешна и среќна нова учебна година, истакна Петков.

Почетокот на новата учебна година на пригоден начин беше одбележан и во централното училиште во Облешево, каде градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Далибор Ангелов им подели подароци на сите првачиња и им посака успешен почеток, а учениците ги поздрави и директорот на училиштето, Јорданче Костадинов.

-1септември е еден од највозбудливите денови за првачињата – денот кога за првпат го преминуваат прагот на училиштето. Тоа е голем и значаен чекор, исполнет со радост, љубопитност и малку трема. За децата тоа е почеток на едно ново патување исполнето со другарства, игри, нови знаења и авантури. За родителите тоа е момент на гордост и емоции, гледајќи ги своите најмали како стануваат „големи“. За наставниците тоа е посветена мисија да ги водат и поддржуваат во секој нов чекор. На нашите нови првачиња, оваа учебна година да биде исполнета со насмевки, радост и љубопитност. Денес започнува вашата приказна како ученици – приказна што ќе ја паметите цел живот, рече Костадинов.
Оваа учебна година во двете основни училишта на територијата на општина Чешиново-Облешево се запишани вкупно 33 првачиња. Сите нови ученици добија пригодни подароци, а обезбедени се сите неопходни предуслови и оваа година образовниот процес да се одвива континуирано и непречено.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






