Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски го искористи денешниот престој во Кочани по повод новите инвестициски активности во компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ за да ги посети и градските гробишта каде им оддаде почит на загинатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во март годинава.
Премиерот Мицкоски се сретна со дел од родителите кои во тој момент беа на гробиштата и разговараше за проблемите со кои тие се соочуваат. Притоа родителите ги искажаа барањата за правичност во постапката за санкционирање на сите виновни за трагедијата.

Тие имаа забелешки и за постојаните притисоци и закани кон нив, како на социјалните мрежи, така и за начинот на кој постапуваат институциите. Како пример беше посочен последниот „Марш за ангелите“ на кој требало да дојдат и граѓани од други градови, но поради зголеменото присуство на припадници на МВР на теренот се чувствувал непотребен притисок и заплашување.

-Секој кој сака да ви се приклучи, да ви даде поддршка, ја има мојата поддршка, јавно го кажувам тоа, еве има камера овде. И никој нема прави ниту да ве претресува, ниту да ве легитимира, надвор од законот, истакна премиерот Мицкоски.

Тагата и болката што ја чувствуваат, родителите на починатите во трагедијата ја инзесоа во непосредниот контакт со премиерот, но дел од нив изразија и сомневање дека надлежните институции ќе постапуваат соодветно и дека правдата ќе биде задоволена.
Посетата на премиерот Мицкоски на градските гробишта во Кочани и изразувањето почит кон загинатите се случи по повеќе од пет месеци од пожарот во „Пулс“.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






