Во рамки на предизборниот период претседателот на партијата „Левица“, Димитар Апасиев дојде во Кочани и оставри средба со партиските членови и со други граѓани.
На средбата се разговараше за досегашните активности и улогата што ќе ја има партијата на локално ниво во новото општинско раководство.
На присутните им се обрати кандидатката за градоначалник на Кочани, Жаклина Филипова Свеќароска, која нагласи дека ѝ била потребно многу сила за да ја побара поддршката од граѓаните за функцијата.

-Силата ја најдов во гневот којшто децении тлее не само во мене, туку во секој чесен човек којшто ниту прекршок во сообраќај нема направено, а сепак живееме во безредие, во беззаконие, сведочиме дека сме затрупани со ѓубре, окружени со кучиња скитници, сардисани од криминали, засенети од згради без зеленило, заглавени во сообраќаен хаос и морам да кажам дека за сето тоа има решение. Она што е клучно на овие избори е изесниците, што буквално до коска го глодаат општеството, да сфатат дека не улиците, не зградите, туку ние луѓето сме градот и дека градот мора да се врати на граѓаните. Мора да си го вратиме достоинството, мора да се врати човечноста. Ќе го вложам и последниот атом енергија што го имам за да го обезбедам сето тоа, со едно чесно работење, мора да се побара одговорност и ветувам дека и одговорност ќе има, и правдата ќе има, за сите беззаконија коишто се направени наназад низ децениите. Ја барам поддршката на кочанчани, мора масовно да излезат на овие избори заради тоа што не постои друг начин да се деинсталираат ротирачките партии коишто клиентелистички и криминално ја држат власта веќе три децении, заложници сме на нивното дивеење и оттука да излеземе заедно да си го вратиме градот назад кај граѓаните. Да биде на прво место човекот, а не профитот и барам поддршка на 19-ти октомври масовно да излеземе на избори да го заокружиме број 6, бидејќи народот е на ред да проговори, истакна Филипова Свеќароска.

На средбата со граѓаните во Паркот на Револуцијата се обрати и носителот на кандидатската листа за советници од „Левица“, Ванчо Мишовски.
-Ние имаме јасна цел, а таа цел е воспоставување на Совет кој ќе биде вистински глас и чувар на јавниот интерес на општината. Кочани има потенцијал да биде модерен и организиран град, но тоа бара чесно работење, одговорност и отчетност спрема народот, не спрема своите матрици како што се партиите. Се залагаме за ефективно и рационално трошење на секој денар од општинскиот буџет. Како иден советник во Советот ќе се заложам за приоритетна комисија која ќе ги таргетира локалните проблеми, кои ќе даде поддршка за настраданите во трагедијата и ќе даде поддршка на родителите на починатите деца за барање на правдата. Се кандидирам за советник затоа што мислам дека имам потенцијал, доста време посветив на сите тие неправди што ни се случија и ќе продолжам за секоја неправда да се спротивставувам, а секое добро да го поздравам, истакна Мишовски.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






