Без поддршка во Советот на Општина Кочани остана предлогот за измена на Програмата за остварување на социјална, детска и здравствена заштита во Општина Кочани за 2025 година со кој, преку предложен ребаланс на општинскиот буџет, требаше да се обезбедат средства за привремени вработувања во детската градинка „Павлина Велјанова“.
Наместо за оваа намена, на седницата беше предложено 1,5 милион денари да се префрлат за покривање на долговите што ги имаат сите основни училишта кон КЈП „Водовод“, а уште еден милион денари да се пренаменат за решавање на проблемот со затоплувањето на училишната спортска сала во Оризари.
-Пренамена на средства за привремени вработувања е неприфатливо, градинката како установа има обврска да обезбеди континуитет и безбедност на децата, а не флуктуација на кадар со привремени вработувања, без селекција и без контрола. Тоа е штетно за децата и опасно за угледот на самата институција, ова е неприфатливо. Прво, Општината нема правна надлежност самоволно да вработува луѓе, особено не на привремена основа, без согласност од државата. Второто, трошоците за привремени вработувања во другите институции, како што е и КЈП „Водовод“, сериозно растат и тоа не е случајност, тука се појавуваат сериозни сомнежи за провизии, злоупотреби и клиентелизам, истакна Васе Алексов, член на Советот на Општина Кочани.

-Децата, бебињата тогашни, на кои што им беше ветувано дека ќе бидат згрижени во клонот „Детелинки“, сега од септември ќе бидат првачиња, тој клон толку време не е отворен, толку време чека да се консолидираме и да ни проработи. Нас ни требаат функционални институции, градинка којашто е изградена пред 6 години сѐ уште не работи, мислам дека тоа мора да се промени. Ова е прв и последен пат што јас ќе дадам поддршка за средства за привремени вработувања, истакна Жаклина Филипова Свеќароска, член на Советот на Општина Кочани.
-За да не издвојуваме средства од буџетот на Општината, јавно ве повикувам да лобирате кај вашата министерка што побрзо да ги обезбеди тие согласности и нема да имаме никаков трошок за привремени вработувања. Имаме готова градинка, треба да ја отвориме, мораме да обезбедиме персонал за работа. Ако се обезбедат согласности од Финансии, овие средства нема да бидат потрошени и јас прв ќе гласам за вашиот предлог после тоа, истакна Ивица Лазаров, член на Советот на Општина Кочани.

-Треба да покриеме 1,5 милион денари за долгот на КЈП „Водовод“, вие сте скоро 4 години локална власт овде во Кочани, кој го направи тој долг? Спомнавте 1 милион денари за загревање, и сега ќе одвојуваме од буџетот, ќе пренаменуваме за да покриваме дупки некој што ги има направено во овие три години, дали во „Водовод“ или во образование. Ние мораме во оваа ситуација да помогнеме за доброто на граѓаните, деца чекаат на листата за чекање, нема политика, дали ќе ја отворите вие или ние, тука нема политика, истакна Душанка Горгиева Трпевски, член на Советот на Општина Кочани.
По бурните дискусии беше дадена петминутна пауза на седницата, а во нејзиното продолжение се премина на гласање, но со 8 гласа „ЗА“ предлогот за средства за привремени вработувања не доби поддршка од советниците.
Подоцна, при разгледувањето на ребалансот на Буџетот на Општината, едногласно беше прифатен предлогот средствата во износ од 2 милиона денари наместо за привремените вработувања во градинката, да се пренаменат на наменска сметка на Црвен крст за поддршка на семејствата на настраданите и повредените во трагедијата во „Пулс“.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






