Крај манастирот „Св. Симеон Столпник“ во селото Костин Дол, каде на 14 септември се одржа традиционалниот народен собор, беше промовиран монографскиот труд „Костин Дол – село што постои уште само на географските карти“ од коавторите Јане Атанасов и Славица Цветкова.
Во воведното обраќање на промоцијата зборуваше Драги Трајчев, дипломиран правник и поет, кој повеќе години живее во манастирските објекти, а коавторката Цветкова во кратки црти се осврна на процесот на создавањето на монографијата и упати благодарност до сите кои помогнале книгата да се објави.

Коавторот Атанасов пак, нагласи дека на создавањето на монографијата претходела повеќегодишна работа по чие комплетирање конечно ќе има обемен литературен труд како наследство за идните генрации.

-Жената девет месеци го чека моментот на породувањето а коа тоа ќе се случи, таа е пресреќна. Можете да замислите колкава е мојата среќа што по повеќегодишна работа на нејзиното создавање, го дочекав моментот да ја имам во раце монографиијата за родното село. Сите они кои поминале дел од својот живот во селото, ќе го носат истото во своето срце и својата душа додека се живи. Нивните потомци повремено ќе го споменуваат и посетуваат Костин Дол. Но следните генерации воопшто нема да знаат дека такво село постоело. За да не се случи тоа, заедно со Славица Цветкова се обидовме да собереме што повеќе податоци за селото и животот во него. Создавањето на монографијата беше долготрајна и тешка работа, но ја работев со радост. Сега, кога истата ја имаме во форма на книга, за нас авторите доаѓа најтешкото нешто поврзано со оваа книга: да обезбедие пари за да го платиме нејзиното печатење. Но се надеваме дека, со помош на добри луѓе, ќе ја надминеме и оваа тешкотија, истакна авторот Јане Атанасов.

Монографијата има околу 300 страници со податоци за селото, за манастирот „Свети Симеон Столпник“, за училиштето „Јоаким Крчовски“, за видни и успешни луѓе кои потекнуваат од Костин Дол, за секојдневните работи на селаните, за верските обичаи и народното творештво, за флората и фауната.
На околу 100 страници, во монографијата се поместени поголем број фамилијарни стебла, а посебен прилог во книгата е Осоговскиот речник – преглед на зборови и изрази што се користеле во ова, но и во другите села од Осоговието.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






