Во кругот на Територијалната противпожарна единица – Кочани, денеска пристигна уште едно противпожарно возило што како донација го обезбеди амбасадата на Република Чешка.
Возилото од марката „татра“ има цистерна со капацитет од 10 илјади литри вода, наменски топ за распрскување и придружна опрема.

На свеченото предавање на возилото присуствувaa министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, а чешката делегација ја предводеше амбасадорот Јарослав Лудва.
-Се заблагодарувам на амбасадата и на Владата на Република Чешка и на братскиот чешки народ. Во првите моменти по нашата катастрофа, вие и вашите медицински тимови беа рамо до рамо со нашите медицински тимови, како на републичко ниво во Скопје, така и во нашата кочанска болница. Кочани ги живее најтешките моменти во својата историја, колективната и општествената болка сѐ уште ја чувствуваме. Со оваа донација нѐ охрабрувате и ни давате сила и надеж да продолжиме понатаму и полека да се издигнеме над оваа катастрофа што нѐ снајде, истакна градоначалникот Грозданов.

-Република Чешка секогаш била блиска со македонскиот народ и сочувствуваме со вашата болка. Сметавме дека наша одговорност е да ви помогнеме кога беше потребно, знаеме што значеше оваа трагедија за Кочани, и се обидуваме да помогнеме, како во медицинската, така и во областа на противпожарната заштита. Во вашиот град не сум првпат и убеден сум дека со новиот градоначалник ќе имаме поблиска соработка, а секако дека ова не е моја последна посета, истакна амбасадорот Лудва.
По завршувањето на административните процедури и регистрацијата, донираното противпожарно возило веднаш ќе биде ставено вои функција.

-Добивме возило „татра“ со носивост од 10 тона и ќе ни биде од големо значење во нашата единица. Ќе го користиме како втор навално возило за справување со интервенциите што ќе бидат предизвик, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.
Покрај обезбедувањето со возила и со потребната опрема, неопходно е да се работи и на кадровско доекипирање на ТППЕ – Кочани, со оглед што во моментот таа располага со половина од потребниот број пожарникари, а дел од нив се пред пензионирање.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






