Родителите на починатите во трагедијата во клубот „Пулс“ попладнето се собраа во Паркот на Револуцијата и дојдоа пред поставената бина на која вечерва требаше да се одржи поп-рок концерт.
На новинарско прашање кратко одговорија дека нивното доаѓање е спонтано, односно на враќање од гробиштата тргнале кон местото од кое секоја сабота вообичаено почнува „Маршот за ангелите“. Во моментот кога пристигнаа пред бината во тек беше музичката проба пред концертот, а откако музичарите ги забележаа ја прекинаа пробата и ги оставија инструментите.

Родителите не сакаа да дадат официјална изјава и рекоа дека дошле да видат дали ќе се одржи концертот за кој со писмено соопштение не дадоа поддршка и побараа да биде откажан. Во знак на почит и спомен кон починатите деца родителите ги спуштија нивните фотографии на плочникот и симболично запалија свеќи во форма на крст.

Во терминот кога требаше да почне концертот, пред родителите се појави в.д. градоначалникот Венко Крстевски и ги информираше дека музичките настани по повод Петровден се откажани, а утре попладне ќе се одржи претходно закажаниот комеморативен настан.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






