Со освоениот број мандати по завршувањето на гласањето за избор на нови советници, Советот на Општина Кочани ќе има најразновиден состав во своето постоење. Дури шест од понудените девет кандидатски листи обезбедија свое место на советничките фотелји.
Според официјално објавените податоци на Државната изборна комисија, ниту една од кандидатските листи кои учествуваа во изборниот процес во општината не освои мнозински број гласови.
Најмногу членови, вкупно 8, ќе има коалицијата предвoдена од ВМРО-ДПМНЕ, односно во Советот влегуваат Александар Андов, Лазо Митев, Марија Ананијева, Александра Соколова, Љупчо Ѓорѓиевски, Петар Медарски, Милена Јанева и Гоце Димитров.

Независната листа со носителката Благица Сабовљевиќ Стоименова ќе има 4 советници, односно покрај неа мандати ќе добијат и Никола Крстев, Иван Мишев и Филип Цветанов.
Коалицијата за локалните избори што ја предводеше СДСМ ќе има 3 советници – Александра Коцева, Ивица Лазаров и Сашко Иванов.
Од независната кандидатска листа „Сакам живот во Кочани“ во составот на новиот Совет ќе влезат Влатко Здравков и Мануела Саидова.
Комплетирањето на Советот на Општина Кочани ќе го дополнат и Суад Мехмед од движењето ЗНАМ и Аки Акиов, како кандидат поддржан од група избирачи.
Ваквиот распоред на советничките места остава простор за евентуални дополнителни договорања и преговарања за тоа како конечно ќе изгледа Советот. Искуствата од досегашната практика потврдуваат дека можно е преминување на советници од еден во друг табор, а дали тоа ќе се случи и овојпат ќе се види уште на самата конститутивна седница.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






