Градскиот пазар во Кочани конечно ќе добие достоинствен изглед и функционалност каква што заслужуваат и граѓаните и трговците, истакна на денешната прес конференција кандидатот на СДСМ за градоначалник на Кочани, Игор Христов.
-Во моментов, пазарот за текстил и за широка потрошувачка се простира долж улицата „Гоце Делчев” и секој четврток, кога е пазарен ден, коловозната и тротоарската површина се зафатени со тезги, што создава сообраќаен хаос и несоодветни услови за работа и за купување. Тоа jа нарушува и безбедноста во овој дел од градот, каде што има и основно училиште, детска градинка, објекти за колективно домување. Во вакви услови, пазарот ги иритира и домаќинствата што живеат на овој потег, кои немаат пристап до сопствените влезови и гаражи, истакна Христов.
Во обраќањето до граѓаните нагласи дека ќе се залага за системско решение – уредување на модерен, безбеден и хигиенски пазарен простор на соодветна локација, со санитарни услови и пристап за сите граѓани.
-Ова не е само прашање на уредување, туку и на ред, економски развој и почит кон јавниот простор. Како иден градоначалник на Општина Кочани, со советничкиот состав од СДСМ и коалицијата, ќе реализираме проект што ќе го трансформира пазарот во современ градски пункт, каде што ќе се спојуваат традицијата, локалната економија и урбаниот развој. Нека нѐ обедини бројот 5 – за одлични резултати во мандатот што претстои. Кочани заслужува брз и динамичен развој, додаде Христов.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






