Две екипи од млади фудбалерки на возраст од 15 и 17 години, кои се дел од составот на ЖФК „Кочани“, одиграа хуманитарен футсал натпревар како поддршка на иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“, посветено на загинатите во пожарот во клубот „Пулс“.
Натпреварот го организираше Здружението „16 март 2025 – Кочани“, а се одигра во салата „Кочански ангели“ во ОУ „Никола Карев“.

Пред почетокот на средбата беше истакнато дека спортската игра и дружењето се еден од начините да се покаже дека освен тага, младите имаат почит, љубов и солидарност.

-Фудбалот, како и животот, нѐ учи на заедништво, борба и поддршка. Денеска играме не за резултат, туку за спомен. Не за победа на табелата, туку за победа на човечноста. Секој удар со топката, секој аплауз и секој момент на овој терен нека биде посветен на нив. Исто така, денеска играме и да покажеме дека сакаме да се изгради спомен-обележје во нивна чест во Стариот парк ов Кочани и да помогнеме за неговата изградба, истакна млада фудбалерка на ЖФК „Кочани“.
Парите од продадените билети на хуманитарниот натпревар ќе бидат донирани како помош за изградбата на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






