Хумана акција за децата од семејствата на загинатите во трагедијата во клубот „Пулс“реализираа поединци и правни субјекти од други градови. Со лични донации обезбедија новогодишни пакетчиња и подароци што во Кочани им ги донесе Веселиот Дедо Мраз од Велес.
Низ игра и забава, со бајки и досетки се создаде ведра атмосфера во Мултикултурниот центар во Кочани, каде стариот бел дедо од далечните краеви за секое од дечињата имаше по некој убав збор, а на крај низ песна им ги подели со желби за весели мигови и среќно детство.

-Здраво, здраво дечиња мои мили, да сте ми здрави и живи, големи, мали, црни, бели, машки, женски од целиот свет. Денеска јас, Веселиот Дедо Мраз тука сум само за вас, дојдов да ве гушнам, да ве слушам и да ве прашам како сте. Денеска сме тука да се радуваме, сите да играме, да пееме, да се смееме и да се веселиме. Собравме пакетчиња, не едно, не пет, туку 55 за да дојдеме, да ги подариме на сите вас коишто, ете, во овие моменти ви треба малку повеќе внимание, бидејќи сте најумни, бидејќи сте најпослушни и бидејќи тоа го заслужувате. Од среќа срцето да ви пее, лицето да ви се смее, од душата љубов да блика, тоа да биде вашата секојдневна слика. Ова не го велам често, во срцето мое има место за секое дете чесно, им порача Веселиот Дедо Мраз на присутните дечиња кои заедно со нивните родители дојдоа на средбата со него.

Новогодишната хумана акција за децата во Кочани, во соработка со Здружението „16 март 2025 – Кочани“, Веселиот Дедо Мраз ја реализираше со поддршка од кавадарчанецот Борче Стаменов кој на јавноста и е познат со својата хуманитарна активност „Донирај компјутер“.
Поддршка дадоа и граѓани од градовите во државата кои се одѕваа на иницијативата, а во акцијата се вклучија и компанијата Дади Компани од Виница, како и Општина Кочани.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






