Вистината не смее да се заборави затоа што секој наш ден започнува и завршува со болка, секој миг нè прогонува истото прашање – дали нашите деца можеа да бидат спасени? Одговорот е јасен и болен – можеа, но седум месеци подоцна, одговорните сè уште се на слобода, беше речено на 26. „Марш за ангелите“ што на денешното празнување на Денот на народното востание го организираа семејствата на починатите во трагедијата во „Пулс“.
Колоната на маршот што тргна од Паркот на Револуцијата се упати кон Трговскиот центар, а оттаму кон Управата за јавни приходи, каде имаше едноминутен молк како знак на револт што институцијата не ги исполнила своите задачи во контролирањето на работата на клубот. Потоа, продолжи кон Полициската станица, каде исто така имаше едноминутен молк, по што стигна на кружниот тек кај двојниот мост, каде се одржа десетминутна блокада на сообраќајот.
-Сите тие што затаија во својата должност – слободно се движат низ градот, како ништо да не се случило. Никој од нив не покажа одговорност, ниту барем разбирање за болката што ја носиме. Некои од докторите, наместо да спасуваат животи, денес се занимаваат со политика. Седум месеци поминаа, а никој не се запраша како се чувствуваме ние, родителите. Ниту една институција не покажа човечност. Ниту еден претставник не дојде да нè праша како сме. Но, нека знаат – нашата болка повеќе не е само тишина. Нашата болка почнува да се претвора во револт. Револт против неправдата. Револт против молкот. Револт против неказнивоста. Апел до судиите, обвинителите и сите што ја држат правдата во свои раце- не дозволувајте родителите да бидат принудени самите да ја бараат пресудата. Не дозволувајте да се изгуби довербата во правдата, истакна Тања Коцева, чија ќерка Ана загина во пожарот.

Родителите побараа правосудните органи да постапат правично, хумано и одговорно, затоа што загинатите ангели заслужуваат правда, а нивната смрт да не биде уште една заборавена приказна во архивите на неправдата.
Потоа Маршот продолжи кон Јавното обвинителство и Основниот суд каде родителите најавија дека од 12 октомври, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, секој ден ќе го блокираат кружниот тек кај двојниот мост.

-Неколку пати по медиуми ги слушаме адвокатите на осомничените дека судењето ќе трае 10–15 години. Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме. Нашите деца не се бројки во предмет — тие се човечки животи згаснати поради туѓа негрижа и неодговорност. Секој ден без правда е нова рана за нас. Побаравме и повторно бараме итна и конкретна акција од надлежните институции – да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Рочиштата да добијат приоритет и постојано темпо — со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Јавно и транспарентно следење на сите процесни активности за да нема сомнеж во манипулации или скриено бавење. Ние нема да чекаме 15 години за вистината. Од недела, 12.10.2025, ние, семејствата и нашите поддржувачи започнуваме мирни јавни собири и блокади пред кружниот тек кај мостот спроти „Спорт риалити“ — секојдневни, ненасилни и достоинствени активности додека не започне судењето. Имаме одобрение од МВР и соработуваме со нив за обезбедување на безбедни услови за нашето присуство, истакна Габриела Наунова, мајка чија Надица почина во пожарот.
Родителите додадоа дека правдата не смее да се развлекува и тие ќе го блокираат кружниот тек додека не почне судењето. Понатамошната нивна постапка ќе зависи од тоа како ќе се одвива судскиот процес, порачувајќи дека животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






