Нашата болка не поминува со време, а уште поболно од загубата е сознанието дека правдата доцни, дека институциите молчат и дека некој очекува ние да се умориме. Затоа јасно кажуваме дека сме гневни, порачаа родителите на загинатите во пожарот во клубот „Пулс“ на 34. „Марш за ангелите“ што се одржа во Кочани.
Колоната што во 14:05 часот тргна од Паркот на Револуцијата, се упати кон Трговскиот центар, а оттаму кој Управата за јавни приходи. Од Здружението „16 март 2025 – Кочани“ пред Полициската станица нагласија дека не се задоволни од селективната правда и побараа проширување на истрагата.

-Гневни сме затоа што, и по изминат значителен временски период од трагедијата во Кочани, службени лица од Министерството за внатрешни работи, кои по закон имале јасна обврска да постапат, сè уште не се обвинети. Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага. Јавно и недвосмислено се обраќаме до Основното јавно обвинителство и до Министерството за внатрешни работи. Потсетуваме дека непостапувањето по службена должност, занемарувањето на безбедносни прописи и дозволувањето на незаконско функционирање се кривично релевантни дејствија, особено кога нивната последица е загуба на човечки животи. Законот мора да важи за сите. И за униформа и за функција и за позиција, истакна Александар Наунов, претседател на Здружението „16 март 2025 – Кочани“.

.Наунов додаде дека се сомневаат оти одолговлекувањето во постапката не е случајност, поради што бараат утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапката.
Потоа учесниците на маршот продолжија кон кружниот тек кај двојниот мост, а пред Основниот суд и Јавното обвинителство истакнаа дека оставката на јавниот обвинител Коцевски дошла предоцна и тој немал храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата.

-Наместо вистинска истрага, тој бараше информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени. Со вклучување на неколку сегашни, ситни функционери, се создаде привид на правда, со јасна цел – да се замачка случајот и да се избегне директната и институционална одговорност. Ние, родителите на убиените деца, денес јавно и гласно порачуваме: ова не е правда и ова нема да го прифатиме. До новиот државен обвинител упатуваме јасна порака и задача: да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил, и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за убиството на нашите деца, нагласи Верица Трифунова чија ќерка загина во трагедијата во „Пулс“.
Семејствата на загинатите во трагичниот пожар нагласија дека маршот ќе продолжи и во наредниот период, сè додека правдата не биде целосна, а вината именувана.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






