Здружението „16 март 2025 Кочани“ го организираше 36. „Марш за ангелите“ со кој освен барањето правда за загинатите во трагедијата во „Пулс“, им беше дадена поддршка на младите против кои се поведени правни постапки за учество во групата која го оштети кафе барот на сопственикот на дискотката.
Пред почетокот на Маршот семејствата на настраданите искажаа почит кон младата Фросина Кулакова, која беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

-Ве молам да оддадеме еднаминутен молк затоа што денеска е една година од смртта на Фросина Кулакова, која исто така го загуби животот неправедно. Бидејќи овој марш е за вистинска правда, за сите деца и млади луѓе кои ги загубија животите поради системски пропусти, поради незаконско работење и заради тоа да се избориме за вистинска правда, рече Марија Петрушова, мајка чиј син настрада во пожарот во „Пулс“.
Колоната која во 14:05 часот тргна од Паркот на Револуцијата помина низ Трговскиот центар и се упати кон Управата за јавни приходи и Полициската станица, а оттаму стигна пред Судот и Основното јавно обвинителство.
-Доста е! Веќе предолго ОЈО ГОК ја влече постапката што започна на 12 јуни 2025 година. Со месеци слушаме дека е во завршна фаза, а одлука нема. Во трагедија од вакви размери секое доцнење е неправда. Бараме рок, одлука и одговорност, нема да дозволиме овој случај да стане уште една затворена папка. Ќе бидеме тука додека правдата конечно не биде испорачана. Правдата што доцни не е правда рече Верица Трифунова, мајка чија ќерка настрада во „Пулс“.

Семејствата на настраданите во кочанската трагедија поставија јавно прашање дали осомничен може да продава имот без да се знае како го стекнал.
-Како е возможно лице поврзано со трагедијата со 63 жртви кое е дел од истрага или се споменува во јавноста како осомничено, слободно да отуѓува имот, без судска забрана и без јасна контрола на потеклото на средствата. Ова е системско, легитимно прашање и не се однесува на лична критика, туку на еднаквост пред законот, рече Розeта Џамова, чиј брат е меѓу загинатите во пожарот.
„Маршот за ангелите“ заврши на почетната точка во Паркот на Револуцијата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






