На 2 септември во Подрачната единица на Министерствто за земјоделство во Кочани почна распределбата на картичките за „зелена нафта“, при што до сега 1.100 земјоделци од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево ги подигнале картичките, а поднесени биле околу 2.800 барања.
Обврска на земјоделците е лично да ги подигнат картичките во просториите на Подрачната единица, а потребно е да приложат и документ за идентификација.
-Со картичките ќе може да набават гориво на која било бензинска пумпа на „Макпетрол“, најдоцна до 30 април следната година. Доколку им преостанат средства што не ги искористиле, по тој рок ќе бидат блокирани. Земјоделците може да ги подигаат картичките секој работен ден во периодот од 7:30 до 16:30 часот, при што тие може да се земат и на последниот ден од нивната важноста, но сумата треба да ја потрошат веднаш, истакна Драгољуб Никовски, раководител на Подрачната единица за земјоделство во Кочани.
За да може да ја добијат финансиската поддршка за дизел горивото, услов е земјоделците да ги имаат платено обврските за воден надоместок кон Акционерското друштво Водостопанство.
Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој посочија дека на територијата на државата изработени се вкупно 44.704 картички со вредност од 493.282.867 денари.
Мерката „Зелена нафта“ за прв пат беше воведена во 2019 година.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.