Во рамки на својата општествена одговорност, Акционерското друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем – МЕПСО, во државна сопственост, ќе донира 2,7 милиони денари на посебната сметка за донации на Општина Кочани.
Донацијата е наменета за финансиска поддршка за зајакнување на техничките капацитети на Територијалната противпожарна единица во Кочани, а одлука за обезбедување на паричните средства пред неколку дена донел Надзорниот одбор на МЕПСО.
По добиената согласност од Советот на Општината за примање на помошта, директорот на Акционерското друштво и в.д. градоначалникот на Кочани ќе потпишат договор според кој примателот, во рок од 30 дена, треба да издаде писмена потврда со која ќе го информира давателот дека донацијата е примена и дека финансиските средства се искористени строго наменски.

Во договорот е наведено дека доколку по било кој основ не се оправда јавниот интерес, односно се утврди дека донираните средства се користат спротивно од предвидената намена, давателот на донацијата има право да бара поврат на финансиските средства во полниот износ што бил дониран.
Договорот што ќе го потпишат раководните лица на Акционерското друштво и на Општината ќе стане полноважен по добивањето на писмено решение од Министерството за правда.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






