Кочани и оваа година ќе биде центар на македонската информатичка елита. На Пониква по трет пат ќе се одржи еднонеделен подготвителен камп за националните информатички тимови кои ќе ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.
Кампот, кој веќе станува традиција, овозможува интензивна подготовка на најталентираните ученици во државата, ќе започне во вторник на 19 август.
Во тимот повторно блеска името на кочанецот Владимир Грчев, кој веќе четири години по ред е дел од македонската репрезентација и претходните години секогаш се враќа со награди од најпрестижните меѓународни олимпијади. Пред само еден месец, и од Математичката балканска олимпијада тој донесе сребрен медал. Оваа година Грчев се откажа од личната финансиска поддршка за своја подготовка, со цел тие средства да се искористат за организирање камп за сите учесници во националните тимови.

-Здружението „Бистри умови“ упатува голема благодарност до Општина Кочани и в.д. градоначалникот Венко Крстевски кои овозможија и во овие тешки денови за градот, да ги угости најдобрите информатичари од Македонија. Во организацијата придонесуваат и општествено одговорни компании кои преку целата година несебично ја поддржуваат нашата мисија, истакнува Анита Атанасова-Грчев, претседателка на Здружението „Бистри умови“ од Кочани.

Кампот ќе биде предводен од врвни професори и ментори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје, на чело со претседателот на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ) проф. д-р Миле Јованов, кој воедно е и претседател на Балканските олимпијади по информатика и кој има огромна заслуга за успесите на најдобрите ученици по информатика.

Освен што ги поддржува националните репрезентации, Здружението „Бистри умови“ веќе две години по ред организира и неколкумесечни бесплатни курсеви по математика и информатика за ученици од цела Македонија. Оваа година, бројката достигна дури 1.700 деца кои беа целосно бесплатно обучувани од искусни наставници и предавачи.
Очекувањата се следната година овој број да биде уште поголем, овозможувајќи на уште повеќе млади таленти да ги развијат своите знаења и вештини.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






