Главен акцент во изминатите седум месеци, со сите расположливи сили, искуство и знаење во ГФК „Осогово“ се ставени на подобрување на условите за работа во клубот, како од спортски, материјално-технички, така и од финансиски аспект.
Условите на стадионот „Никола Мантов“ се подобрени, а клубот е консолидиран и се очекува да освои доволно бодови што ќе гарантираат сигурно место на табелата, односно најмалку да се обезбеди директно останување во лигата во наредната сезона, беше речено на прес- конференецијата што ја одржаа Управата и Стручниот штаб на ГФК „Осогово“ пред стартот на првенството во Втората фудбалска лига.

-Во делот на инфраструктурата особено внимание и ангажман посветивме да го подигнеме нивото на одржување на главниот терен и подобрување на условите за тренинзи. Тука резултатите се видливи. Во оваа прилика сакам да истакнам особена благодарност до „Антура“ за донираната професионална косачка која за нас е повеќе од корисна. Работиме посветено на подобрување на хигиената, на осовременување на условите во кои тренираат фудбалерите како и на нивна спортска надоградба преку обуки за начин на правилна спортска исхрана, тактики и техники за работа и други активности што ги бара современиот фудбал. Успеавме да ја осовремениме домашната соблекувална со нови клупи со столчиња, поставивме клима уред, обновивме го и просторот за туширање. Поставивме клима уред и во салата за состаноци, набавивме нов лап топ за потребите на ГФК Осогово, добивме донација фрижидер за потребите на клубот. Во оваа прилика ќе ми дозволите од лично име, како претседател, а воедно и во име на членовите на Управата јавно да се заблагодарам на сите фирми кои подадоа рака и ја прифатија или обновија нашата понуда за соработка. Ја користиме оваа прилика да се заблагодариме на Општина Кочани, на сите советници, градоначалникот и на вработените кои се вклучени во соработката со клубот за поддршката што се дава на ГФК „Осогово“, за која веруваме дека ќе расте и во финанско-материјална смисла и во блиска иднина, истакна Ненад Ефтимов, претседател на Управниот одбор на ГФК „Осогово“.

Од клубот упатија благодарност за соработката и до Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани, а шефот на стручниот штаб Крсте Крстев се осврна на претстојните натпревари во новото првенство.
-Подготовките ги започнавме на 14 јули, а првенството започнува на 23 август, во сабота. Одиграни се 6 контролни натпревари, резултатите нема да ги спомнувам бидејќи тие се репер, патоказ за моменталната форма, но не и пресудни. Мислам дека од натпревар во натпревар, од тренинг во тренинг ја подигавме формата на фудбалерите и спремни ќе го дочекаат првенството. Околу засилувањата, како во одбраната, така и во нападот и плус еден голман, јас сум задоволен, екипата од претходната сезона ја задржавме и веруваме во континуитет. Мислам дека и постоечките од претходната сезона се на повисоко ниво, и со засилувањата „Осогово“ оваа сезона може да биде рамноправно со сите екипи во лигата, без разлика што што можеби половина од лигата се со поквалитетен ростер, а половина можеби понеквалитетен. Оваа сезона пет екипи директно испаѓаат, три ќе играат бараж, што е дополнителен притисок, но мислам дека сите се навикнавме од јануари наваму, секој натпревар да го играме под притисок, и не е ништо ново. Ќе имаме тешки натпревари, но исто така сигурен сум дека и секој противник ќе има тежок натрпевар против нас. За резултати никогаш не ветувам однапред, но концентрација, ангажман од секој фудбалер, од секој во стручниот штаб на максимум ќе биде, тоа го ветувам и се надевам дека најмалку ќе имаме директен опстанок. Доколку нѐ послужи спортска среќа, исто така нескромно ќе кажам „Осогово“ може да биде изненадување оваа сезона, истакна Крстев.

Во првото есенско коло во новото првенство во Втората фудбалска лига, в сабота „Осогово“ ќе гостува на соседското дерби на „Каменица Саса“, а во второтo коло ќе биде домаќин на екипата на „Преспа“ од Ресен којашто во последен момент обезбеди лиценца за настап во второлигашкото друштво.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






