Од државата не бараме празни зборови и сочувство, туку да обезбеди праведна разрешница и одговорност за виновниците за нашата трагедија, нагласија родителите на загинатите во трагедијата од 16 март на 19. „Марш за ангелите“ што денеска се одржа во Кочани.
Во молк и тишина учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата и се упатија кон Трговскиот центар. Таму застанаа кратко за да му оддадат почит на Стефан Тасевски, кој денеска требаше да го прослави својот 37. роденден, а на кобната ноќ работел како дискџокеј во клубот „Пулс“.

Истакнувајќи го транспарентот со фотографии од настраданите и со натписот „Ние родителите скапо го плативме данокот на корупцијата“, колоната продолжи кон зградата на Општина Кочани, а оттаму продолжи кон Полициската станица. Меѓу учесниците на маршот присутни беа и дел од повредените во пожарот, како и граѓани од други градови кои дојдоа да им дадат поддршка на семејствата.
Потоа тие се упатија кон Основниот суд и Јавното обвинителство каде ја упатија својата порака до државните институции во која главно беше барањето правда за загинатите.

-Оваа трагедија не е само црна хроника во вестите. Не е статистичка бројка, туку тоа се 62 згаснати животи, 62 семејства во црнина, 62 иднини украдени за миг. Нашите најмили повеќе не се со нас и никогаш нема да се вратат. Болката што ја носиме не се мери со време, таа е незаменлива, длабока и вечна. Ние, семејствата на загинатите, не бараме од државата сочувство и празни зборови, туку бараме да обезбеди вистинска, целосна и праведна разрешница. Секој што носи одговорност, без разлика на функцијата, позицијата или моќта, мора да биде изведен пред лицето на правдата затоа што човековиот живот нема цена, а нашите загуби немаат замена. Овој случај не смее да остане без епилог, не смее да се заталашка, не смее да се заборави. Ако институциите дозволат оваа трагедија да заврши во тишина, ако не ја исполнат својата должност, тогаш испраќаат порака дека животот на нашите деца не значел ништо, а тоа ќе значи втора неправда, уште поголема и потешка од првата. Најмили наши, вистинска правда за вас мора да има. Никогаш нема да престанеме да бараме вистина и одговорност, беше речено на Маршот.

Родителите на починатите останаа без коментар на новинарско прашање за активностите што досега ги презема Јавното обвинителство. „Маршот за ангелите“ заврши на почетната позиција во Паркот на Револуцијата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






