Советот на Општина Кочани не даде согласност на решението за запирање на објавувањето во Службениот гласник на Заклучокот за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта за учебната 2025-2026 година, што беше единствена точка на дневниот ред на денешната 69. седница.
Таквиот став на советниците значи задржување на одлуката од претходната седница на која беше дадена согласност паралелките да имаат помалку ученици, иако во тој момент за тоа немаше стигнато официјално одобрение од Министерството за образование.
Недостигот од тој документ пак, е причина в.д. градоначалникот Венко Крстевски да не ја објави одлуката, поради што таа досега не е полноправна. Од друга страна, претседателот на Советот, Лазо Митев истакна дека согласноста од Министерството стигнала до него.

– Мене не ми е јасно, градоначалникот постапил законски во тој момент. Во меѓувреме стигнува согласност кај претседателот, а не во Општината. Како е можно ова и сега ние на кого треба да веруваме? Вие претседателе, сте ни пуштиле на нас некој мејл, а Министерството за образование не може да пушти мејл до Општината, на мене не ми е јасно, истакна Ивица Лазаров, член на Советот на Општина Кочани.
-Градоначалникот го стопира решението, ситуацијата во образованието е навистина критична и се засегнати децата и сите. До мене, како претседател, бидејќи ни е должност, и учениците и родителите и Синдикатот на образованието бараа до мене, стаса дека на 5 септември е пратено до градоначалникот Општина Кочани, потпишано од министерот Весна Јаневска за позитивно мислење. Јас како претседател морам да кажам дека во текот добив информација дека во текот на вчерашниот ден е поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство за злоупотреба на службената должност и јас стојам како претседател целата оваа ситуација да се испита. Зошто се крие овој документ? Ако градоначалникот испратил претходниот пат и за 24 часа стасало во Министерството, ако на 5 септември е испратено, зошто денеска 12 септември овој документ се уште го нема во Општината? Се сомневам дека некој го крие овој документ, истакна Лазо Митев, претседател на Советот на Општина Кочани.
На директно прашање до општинските служби дали во Општината е пристигната согласноста од ресорното министерство, беше даден краток одговор дека до почнувањето на денешната седница таков документ нема дојдено.

Поради службени обврски в.д. градоначалникот Крстевски не беше присутен на седнциата, но во телефонска изјава за Канал 8 нагласи дека очекува со најавената пријава до Обвинителството да се расчисти целата ситуација.
-Јас го повикувам слободно претседателот да поднесе пријава за да можам подоцна да го гонам службено, бидејќи единствен којшто ја злоупотребува својата службена должност е тој. Самата одлука за помал број на ученици во паралелки, за да биде гласана во Советот, треба претходно да има добиено позитивно мислење од страна на Министерството за образование. Такво мислење не беше добиено првиот пат кога беше гласана одлуката и затоа беше поништено од моја страна. Такво мислење сѐ уште нема стигнато по пошта до Општината и не знам зошто се прави драма кога Министерството доколку има потпишано така одлука се надевам дека истата ќе стигне, дали во текот на денешниот или во наредните денови. Истото сметам дека е на штета на образованието, истакна в.д. градоначалникот Венко Крстевски.
На крајот од седницата со 16 гласа „против“ и еден воздржан не беше прифатено решението на в.д. градоначалникот за запирање на постапката за формирање паралелки со помал број ученици и беше наложено одлуката да биде објавена во Службен гласник на Општината.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






