Филип Стојанов и Јован Арсов – членови на карате клубот „Партизан“ од Кочани ќе учествуваат на 25. Балканско првенство за кадети, јуниори и помлади сениори до 21 година што од 7 до 9 ноември ќе се одржи во Риека, Хрватска.
Подготовките ги реализираат на напорни тренинзи во салата „Сашо Лазарев – Чапо“ за да постигнат што подобра кондициска и тактичка подготвеност пред настапот.
За Стојанов ова ќе биде прв поголем настап по паузата што ја направи заради санирање на повредите од пожарот во клубот „Пулс“, а учеството на првенството го оценува како можност да се врати во кондиција и форма за претстојните првенства.

-Ќе настапам во категорија до 84 килограми, конкуренцијата е доста добра, има 27 натпреварувачи кои се постари од мене, јас сум нов во младинската категорија до 21 година. За мене ова е еден од првите натпревари после осуммесечната пауза поради тоа што бев повреден во дискотеката „Пулс“. По осум месеци се враќаме на татамите, а ова летово го искористивме за физички да се подготвиме. Бевме на неколку кампови во Црна Гора со светски техничари и со чувствувам доста подготвен. Немам некои очекувања, иако сум актуелен балкански вицешампион, акцентот не го ставам на ова Балканско првенство затоа што имаме доста позначајни турнири, како што е Државното после недела и Светската златна лига што ќе содржи во Венеција, истакна Филип Стојанов.
Без оглед на успехот што ќе го постигне на Балканското првенство, Стојанов нагласи дека настапот во Риека и сите следни натпреварувања ќе ги посвети на своите другари кои загинаа во тртагедијата во „Пулс“, како и на братучетката Мелани која беше тешко повредена и последна излезе од болница.

Настапот на првенството во Хрватска е предизвик и за младиот Јован Арсов кој вели дека во изминатите месеци ги имал најнапорните тренинзи и подготовки, а негова желба е да постигне што подобри резултати.
-На Балканското првенство најважно е да дадеме сѐ од себе, со најдобри борби од сите натпревари што сме ги имале до сега, а на натпреварот во Венеција да биде десет пати подобро од Балканското. Ќе настапам во категорија кумите за кадети над 70 килограми, тоа е тешка категорија со доста добри натпреварувачи. Условите за работа се добри, имаме татами, имаме опрема, сѐ што ни треба е што повеќе деца и млади да тренираат и да се натпреваруваат. Главна цел ми е да освојам некој медал на следните натпревари, ама без разлика на тоа, целиот овој труд е вложен заради децата и другарите што се повредени или загинати во пожарот, истакна Арсов.

Покрај настапот на меѓународните првенства, помладите каратисти ги очекуваат настапите на домашни турнири.
-Јас сум Дамјан Арсов, член сум на КК „Партизан“ и ќе учествувам на турнирите „Цветан Димов“ и „Ѓорче Петров“ во категоријата за деца +60 килограми. Конкуренцијата во мојата категорија е добра, има можности да се освои признание, но тоа не и најважно, поважно е да учествуваме и да го покажеме трудот.

Заедно со Стојанов и Арсов тренираат и помладите членови на карате клубот „Партизан“. Ги има над стотина, од оние што се на своите почетоци во благородната вештина, до поискусните кои исто така се подготвуваат за настап на домашните турнири. Во подготовките на каратистите се вклучени тренерите во кочанскиот карате клуб Оливер Коцев, Јорданчо Петров и Благој Арсов.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






