Нов спонзор на ГФК „Осогово“ е финансиското друштво КБ Инвест АД од Скопје со кое кочанскиот второлигаш почна соработка пред околу половина година со стандардна реклама.
Во просториите на клубот се одржа средба на раководството и стручниот штаб на „Осогово“ со првите на луѓе на КБ Инвест, со што соработката е проширена и прераснува во партнерство.

-Ова ќе ни даде еден поттик за да продолжиме да работиме, да го градиме клубот и тимот за и понатаму, во наредната полусезона и наредната година да привлекуваме повеќе публика. Донацијата од КБ Инвест доаѓа во вистински момент кога веќе „Осогово“ како клуб се издигнува, истакна Ненад Ефтимов, претседател на Управниот одбор на ГФК „Осогово“.
Новиот дрес што го носи логото на КБ Инвест, а во кој ГФК „Осогово“ ќе настапува во претстојната натпреварувачка сезона, беше промовиран минатата сабота на ревијалниот хуманитарен натпревар со ФК „Вардар“ – Скопје.

-Во овој клуб препознаваме потенцијал, гледаме иднина, гледаме млади фудбалери и раководство кое посветено работи на идниот развој и поради тоа се решивме за спонзорирање. Се надеваме на успешна и долгорочна соработка и дека нашата поддршка ќе значи дополнителен успех и прогрес на екипата, истакна Горан Марковски, главен извршен директор на КБ Инвест АД – Скопје.
Во изминатиот период фудбалерите на „Осогово“ на стадионот „Никола Мантов“ ги реализираа подготовките за натпреварите во пролетниот дел на првенството во Втората лига, при што одиграа и неколку контролни пријателски средби.
Првото пролетно коло, инаку 16. во првенството, е закажано за в сабота, 21 февруари, во 14 часот, а жолто-сините ќе бидат домаќини на средба со соседскиот ривал „Саса“ од Македонска Каменица.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






