Кочани се подготвува за голем настан кој има за цел да ја обедини заедницата преку примери на солидарност и граѓански активизам.
На 28 март, со почеток во 19 часот, во Центарот за култура „Бели мугри“, ќе се одржи Мотивациски форум под мотото „Делата што нé движат напред“.
На Форумот ќе се претстават шест говорници кои со својот личен труд и упорност создаваат видливи промени во општеството. Листата на учесници ги вклучува Александар Видиновски, новинар, Андреј Рајатоски од Gradinarot.mk, Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“, Гордана Софија од „Генералка викенд“, Кристијан Калинов од „Ретвитни оброк“ и Весна Станковска од здружението „Љубезност“.

Секој од говорниците ќе има излагање од 10 до 15 минути, споделувајќи искуства кои покажуваат дека делата на поединецот можат да поттикнат сериозни општествени поместувања.
Главниот фокус на форумот е истакнување на вистински животни примери и поттикнување на граѓанскиот активизам, особено кај младите. Настанот е замислен како место каде „делата стануваат погласни од зборовите“, промовирајќи култура на солидарност и одговорност. Организаторите нагласуваат дека форумот е неполитички, некомерцијален и отворен за сите граѓани.

Зад настанот стои Академија Кочани, граѓанска иницијатива која произлезе од неколку успешно реализирани волонтерски активности во 2025 година, како што се Паб-Квиз Кочани и бесплатните часови по Таи Чи. Иницијативата е водена од ентузијасти чија примарна цел е општествена добробит преку збогатување на културната и едукативната понуда во градот, при што сите активности се организираат без финансиски надоместоци за организаторите.
Со цел да се поттикне младинското учество, 50% од влезниците се бесплатни за младите од Кочани. Останатиот дел се редовни влезници по цена од 200 денари, а средствата се наменети за обезбедување на одржливост и независност на самиот форум. Влезниците може да се набават во River Café во Градскиот парк, а организаторите потсетуваат дека бројот на места е ограничен.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






