Со посетата на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николовски, во Кочани денеска беше означен почетокот на голем инвестициски циклус кој ветува целосна трансформација на градот.
Градоначалникот Владко Грозданов, заедно со претставниците на централната власт, промовираше низа инфраструктурни проекти кои треба да го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните. На прес конференцијата што се одржа во населбата Монополски Бавчи, тој нагласи дека ветеното пред само два месеци веќе станува реалност преку конкретни дела.

-Денес на ова место започнуваме со градежни активности на јужниот булевар, клучна сообраќајница која ќе нè поврзе со експресниот пат Штип-Делчево. Веднаш планираме да отпочнеме и со нов ретајл парк каде ќе ги присобереме поголем број од светските брендови во малопродажбата. Друг капитален проект е мостот на Кочанска Река кој ќе го олесни сообраќајниот метеж и кој ќе допринесе за заобиколување на тој дел на градот, на кружните текови и во централното градско подрачје. Очекуваме со брза реализација на катни платформи со кои ќе добиеме дупло повеќе паркинг места на површина од 4.000 квадратни метри во самиот центар на градот. Друг капитален проект кој го промовираме денес е потисниот цевковод. Тоа е една нова водоводна мрежа која ќе придонесе за подобрување на квалитетот на водата што ја пиеме, бидејќи тие цевки се исто така 50, 60 години, ќе добиеме поголем притисок и ќе ги намалиме загубите на вода кои се од самиот дотраен цевковод, истакна Грозданов.
Тој најави уште неколку капитални проекти, чија реализација е во план или ќе почне наскоро.

-Речиси е готов проектот за затворен базен во Кочани, говориме за еден сериозен проект каде би добиле олимписки базен што ќе биде погоден за натпревари во пливање, со неколку скокалници, а ќе биде погоден и за ватерполо. Веќе е распишан тендерот за проект кој ќе овозможи реконструкција на цевководот на геотермалната вода што се носи од изворите до Кочани, со што освен би добиле нели нови спа-центри и ќе можеме топлата вода да ја искористиме и како извор на греење. Во моментот имаме загуби од 20 и неколку степени по поради стариот дотраен и оштетен цевковод. За три до четири недели повторно ќе ве повикаме, за да поставиме камен-темелник на старечкиот дом во кој е во завршна фаза комплетната документација, додаде Грозданов.
Дополнително, тој најави дека во план е изгрaдба на нова спортска сала во едно од основните училишта, а се планира и модернизација на туристичките локалитети Пониква и браната Гратче, каде е предвидена изградба на пешачки и велосипедски патеки.

Министерот за транспорт, Александар Николовски, ги прецизираше финансиските детали за проектите кои се од витално значење за општината.
-Почнуваме со реализација на влезниот булевар со проценета вредност од околу 2 милиони евра, мостот на Кочанска Река од 350.000 евра и довршување на потисниот цевковод за чиста вода за пиење, истакна Николовски.
Според него, вкупните инвестиции во инфраструктурата на Кочани, вклучувајќи ги и средствата од Светска банка и претходната поддршка, изнесуваат околу 5,5 милиони евра, што целосно ќе го промени ликот на општината.

Премиерот Христијан Мицкоски го нагласи стратешкиот пристап кон развојот на овој дел од државата, потенцирајќи го поврзувањето со соседните градови и меѓународните премини.
-Овие проекти се дел од она за коешто во минатото зборувавме, исто како и капиталниот проект за експресен пат кој треба да го поврзе Кочани со Виница, Делчево и граничниот премин со Бугарија. Градоначалникот го спомна оној доводен цевковод на геотермална вода. Ние имавме пред отприлика недела дена, 10 дена состанок кај мене во Владата и ги разговаравме приоритетите. Општествено одговорна компанија, јас не сум стигнал да го информирам и градоначалникот, излезе на терен, направи дефектажа и таа ќе изврши санирање на на тој цевковод. Така што на некаде отприлика осум или девет места парчиња цевки треба да се пресечат и заварат за да се санира, исто како и за изолација термичка. Тие се нафатија како општествена одговорна компанија тоа да го направат без да биде наплатено ниту ниту денар, изјави премиерот.
Покрај патната инфраструктура, беше најавено дека во Кочани ќе продолжат активностите за подобрување на здравствените и социјалните капацитети.
Оваа обемна офанзива во Кочани, според премиерот Мицкоски, е одговор на потребите на граѓаните и доказ дека Владата ги решава проблемите, наместо да ги става под тепих.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






