Денеска Кочани не зборува со зборови, туку со воздишки. Градот на оризот денес е обвиен во тешка тишина, одбележувајќи ја првата годишнина од кобниот пожар во дискотеката „Пулс“, каде што згаснаа 63 млади животи, а над 200 лица беа повредени.
Молитва за спокој и пораки на вечно сеќавање Уште од раните утрински часови, во Паркот на Револуцијата се одржа верска молитва за упокоените, со која чиноначалствуваше митрополитот брегалнички Иларион заедно со свештениците од кочанското архиерејско намесништво.

Во Паркот беше поставена и Книга на жалост, во која свои пораки на сочувство и почит оставија претседателката Гордана Силјановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски. Покрај нив, се потпишаа и бројни владини претставници, амбасадори и граѓански здруженија кои изминатава година помагаа во справувањето со последиците од трагедијата.


Во духот на денот и споделената болка, претседателката и премиерот остварија и кратки средби со семејствата на загинатите, нудејќи им зборови на поддршка и ветување дека нивната загуба никогаш нема да биде заборавена.


Во рамки на одбележувањето, пред Центарот за култура „Бели мугри“ официјалните делегации положија свежо цвеќе пред симболичниот „Ѕид на сеќавање“ – мурал како визуелен споменик на сите прекинати младешки соништа.

Почит беше оддадена и пред 63-те бели столчиња, на кои веќе беа поставени рози како симбол на секој изгубен живот. Молкот пред овие симболи на празнината беше погласен од секој говор, додека присутните достоинствено се поклонуваа пред споменот на младоста што прерано згасна во пламенот.

Комеморативниот настан под наслов „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“ продолжи во салата на Центарот.

Преку фотографии и лични сеќавања споделени од најблиските, секое од 63-те имиња доби лице и своја приказна, придружени со соодветна музичка програма која дополнително ја нагласи тежината на овој тажен ден.

Иако помина една година, раната на Кочани е сè уште жива, но денешното достоинствено одбележување покажа дека сеќавањето на жртвите ќе остане вечно.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






