Драган Паунов, Павле Петров и Божидар Ангеловски се тројцата нови фудбалери кои потпишаа договори за настап во ФК “Осогово“. Со тоа полека се заокружува обновувањето и зајакнувањето на играчкиот кадар, што го најави новиот Управен одбор по преземањето на тимот.
Од почетокот на преодниот период до сега вкупно девет играчи од други клубови му пристапија на кочанскиот второлигаш, поради што од стручниот штаб очекуваат во продолжението од првенството да се обезбеди опстанокот во лигата.
Инаку, 27-годишниот Паунов е повратник во “Осогово“, а доаѓа од редовите на “Каменица Саса“ и е фудбалер од офанзивниот ред. 22-годишниот Петров пак, во првиот дел од сезоната настапуваше во “Вардар“ од Неготино, каде играше на крилните позиции од теренот. Со своите 19 години, Ангеловски е најмладото засилување на кочанскиот тим, со што се зацврстува напаѓачката линија. Тој потекнува од школата на скопски “Работнички“.
Претходно на жолто-сините им се придружија Петар Јаневски од штипска “Брегалница“ и Владимир Жоглев и Христијан Митревски од “Победа“ од Валандово, Никола Стоиловски од “Академија Пандев“, Никола Костадинов од “Победа“ Валандово и Слаѓан Митевски од кратовски “Силекс“.
Во меѓувреме екипата ги продолжува подготовките на стадоионот во Кочани, при што од овој викенд тренинзите ќе се интензивираат, односно ќе се тренира по двапати дневно. Исто така, останува исполнувањето на планот за одигрување на закажаните пријателски натпревари со екипи од Македонија и Србија.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






