Пред просториите на Итната медицинска помош во Кочани, таму каде што секоја секунда е борба за живот, денеска повторно завладеа молк.
Во присуство на семејството, државни претставници и бројни колеги, беше откриена спомен-бистата на Илчо (Иле) Гоцевски, возачот кој го даде својот живот спасувајќи ги повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“.
-Иле не беше само вработен во брзата помош; тој беше столбот на тимот, тој беше брат, другар, пријател, поддршка и пример за тоа што значи да се биде човек во вистинската смисла на зборот. Неговата храброст не беше научена, туку вткаена во неговиот карактер – несебичност која се покажа во најтешкиот миг за градот. Во секојдневните моменти знаеше да внесе топлина, насмевка и надеж, а во најтешките покажа нешто што не може да се научи, туку само се носи во себе. Вистинска несебична храброст. Во миг кога многумина би се повлекле, Иле чекореше напред без двоумење, без страв, воден од желбата да помогне и да спаси други. Тој го даде највредното што човек може да го даде. Го даде својот живот за да спаси други животи. Тоа не е само чин на храброст, тоа е чин на чисто човештво, на љубов кон луѓето и кон животот, истакна неговиот колега Љупчо Ѓорѓиевски во емотивното обраќање.

Ноќта на 16-ти март 2025 година засекогаш ќе остане врежана во меморијата на Кочани. И додека сите се соочуваа со пламените јазици и врисоците на дечињата, Иле веќе бил на работ на силите.
Неговата колешка Александра Кокева раскажа дека тоа дежурство тој веќе примал инфузија поради огромен умор, но одбил да се повлече. Кога докторката го молела да оди дома, неговиот одговор бил краток и одлучен: „Добар сум, ништо не ми е, е што не сме издржале“.

-Кога било кој да побараше помош од него, каква била услуга од него, тој само ќе речеше: ‘Ќе направиме другар ќе биде. Шо се секираш?‘ Постојано го бараа пријатели, роднини. Сите од него бараа помош било каква во Болницата и тој постојано одеше по сите доктори, сѐ само за да помогне на некој. За свој пријател, кој требаше лекува во странство, тој собираше и финансиски средства за помош и лично неколку пати го носеше во болниците. Едноставно таков беше Иле. Толку беше голем, толку беше хуман и добар. За повеќе години пријателство со него никогаш го немам слушнато да се скара со некој, да повиши тон или да каже лошо за некој. Таков беше нашиот Иле, истакна Кокева.
По завршувањето на натчовечка акција за спасување повредени, Иле легнал да одмори и никогаш повеќе не се разбудил. За своите сограѓани, тој стана „64-та жртва од таа кобна ноќ“, придружувајќи им се на „63-те ангели“ на небото.

Директорката на Општата болница, д-р Катерина Паниќ Мирчовска, нагласи дека неговата жртва е нем потсетник за секој граѓанин.
-Илчо беше некој којшто неуморно помагаше на сите, а во последната година ни се зеде дел на сите од меморијата којашто ни недостигаше во кочанската болница да го гледаме по како поздравува со насмевка, да брзо да помогне на некој. Кога ќе ја слушнете сирената по кочанските улици, веројатно некогаш ќе се потсетите на Иле, затоа што неговиот спомен, смртта не ни го зема. Значи, тој продолжува да живее. Споменот за него продолжува да живее. Беше таа кобна вечер на работа. Неуморно и пожртвувано си ја работеше задачата на ниво и над ниво. Даде сѐ од себе по цена на неговиот живот. Верувам дека колегите ќе го паметат по неговата ведрина, по неговата лојалност, по неговата храброст. Верувам дека ќе ги чува горе, на небото, во име на нивните родители. Нас ни останува да го носиме споменот за него, да си го спомнуваме по насмевката, истакна Паниќ Мирчовска.

Пред бистата цвеќе положија сопругата, семејството и роднини на Илчо, претставници од Владата и Собранието, членови на Советот на Општина Кочани, колеги од Болницата и пријатели.
Илчо Гоцевски замина како херој, оставајќи зад себе тага, но и неизмерна гордост кај сопругата Анета и синот Мартин. Неговиот лик сега вечно ќе бдее пред просториите каде што ја покажа својата најголема човечност. Слава му!

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






