Во 78-та година од животот денеска почина Ванчо Димитров, иноватор од Кочани. За својот пронајдок „Систем за апсорпција на издувни гасови“ стана добитник на Гран-при на Светската изложба на иновации ЕУРЕКА во 1996 година во Брисел.
Пронајдокот дава одговор за тоа како на безбеден начин да се реши испуштањето штетни издувни гасови од автомобилите и фабричките и други оџаци и да се спречи загадувањето на воздухот и животната средина. Неговата идеја, како што ќе рече самиот, е да се спречат загадувачите кои неконтролирано ја дестабилизираат климата и го доведуваат во прашање опстанокот на светот.

– Јас знам што правам, знам за што говорам и како визионер иднината на светот ја гледам без фабрички оџаци. Овој проект ќе го промовирам како прв од серијата мои проекти, бидејќи на земјината топка има милиони фабрички оџаци чии сопственици, во трката по профит, не водат премногу сметка за човековата животна средина. Прототипот е долг десет метри а промоцијата ќе ја извршам на таванот од мојата куќа која е во центарот на Кочани. Ќе запалам голем куп гуми, пластика, мазут, текстил, картон, се’ што испушта дим, и со научниците и оние кои ќе бидат поканети на промоцијата на епохалното откритие, ќе гледаме како сето тоа гори, а никаде околу нас нема дим! Така ќе ги разуверам и најголемите скептици дека џабе не сум потрошил 28 години од мојот живот кои ги посветив на темелните потреби на човештвото, ќе истакне во една своја изјава Димитров.
Димитров имаше и други иновации за кои јавноста не доби подетални информации. Нека му е вечна слава.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.