Во салата на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница вечерва беше отворен 17. Фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, со што продолжува традицијата за негување на ведриот дух и сатиричната мисла на овие простори.
Манифестацијата која заслужено е препознатлив белег за културното живеење во регионот и пошироко, и годинава со својата програма нуди различни содржини, што публиката ќе може да ги проследи до среда, 29. октомври.
На почетокот на Фестивалот им беше оддадена едноминутна почит на загинатите во трагедијата во Кочани, а министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој присуствуваше на свеченото отворање изрази задоволство што токму во Виница во живот се одржува хуморот и сатирата.

-Овие, повеќе години, од идеја на создавачите до остварување на нивните следбеници, вложени се многу љубов, многу посветеност, за тој денес да прерасне во еден од најпопуларните фестивали во овој регион. Неговата препознатливост и уникатност секоја година ја инспирираат публиката, ја одржуваат културната сцена и го промовираат виното од виничкиот регион. Веќе неколку години на овој фестивал сум присуствувал како гостин на повеќе театри, но во улога на актер и денеска почувствував дека Виница навистина има една посебна енергија, дека иако е мал по големина, тоа е голем по гостопримство, град што ги прифаќа своите гости со отворено срце и ја негува културата како дел од секојдневието. Таа е чувар на духот, чувар на традицијата, на културната меморија, а овој фестивал е неговиот глас, искрен, горд и препознатлив. Убеден сум дека фестивалот во следните години ќе ја збогатува културната програма на Виница, а Министерството за култура и туризам ќе продолжим како и досегам финансиски да ја поддржува неговата реализација, истакна министерот Љутков.

Од име на домаќинот, гостите ги поздрави директорката на Домот на културата во Виница, Александра Давиткова, при што најави проширување на бројот на фестивалските награди и признанија.
-Со гордост можеме да кажеме дека Виница се наоѓа на културната мапа на светот благодарение на сите вас кои верувате дека хуморот и сатирата се кажуваат со најдлабоките вистини. Сакам да кажам и да најавам дека во рамките на Фестивалот од оваа година започнуваме со доделување на нова специјална награда – Награда на град Виница која секоја година ќе се доделува на еден македонски карикатурист, како мотивација и промоција на македонската култура. Да ја започнеме оваа фестивалска вечер со насмевка, затоа што како што велиме во Виница – во виното е вистината, ама во хуморот е мудроста, истакна Давиткова.
На отворањето на „Ин Виница веритас“ поддршка даде и Гани Сундури, претседател на Здружението на карикатуристи на Косово, нагласувајќи дека очекува соработката со Фестивалот да се унапредува, потоа беа прочитани афоризми од македонски афористичари, а новата награда за најдобар македонски карикатурист ја додели градоначалникот Миле Петков.

На првата фестивалска вечер гостуваше Театарот Куманово со комедијата „Разбуди се Тина“, а во наредните денови ќе бидат прикажани уште три театарски претстави, стенд ап шоу со Надица Петрова, афористичка вечер, омаж за карикатуристите Јордан Поп Илиев и Никола Ангеловски, а ќе се одржат работилница и едукативни часови по афоризам и карикатура за учениците од основните училишта.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






