Во атмосфера исполнета со тишина и болка, во 02:32 часот по полноќ, пред поранешната дискотека „Пулс“ во Кочани се одржа граѓански собир во спомен на настраданите во трагедијата што го потресе градот.
Собирот, организиран од здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, започна симболично во 02:15 часот, а просторот беше осветлен со рефлектори и украсен со цвеќиња и срциња на кои беа испишани имињата на оние кои повеќе не се меѓу нас.

Покрај семејствата и бројните пријатели, на собирот присуствуваа и претставници на граѓанското движење „Кој е следен?“ од Скопје.
Пред присутните се обрати Борјан Ефтимов, кој упати емотивни зборови до семејствата и ја истакна важноста на истрајноста во потрагата по правда.

-Кога ми се јави Марија и ме праша дали вечерва ќе говорам во име на семејствата – останав без зборови. Останав без зборови бидејќи не знам дали постои збор кој е соодветен за трагедијата со којашто вие и сите ние се соочивме. Трагедија којашто засекогаш ќе остане дел од болката на македонскиот народ. Останав без зборови од страв дека не постои збор што може да го кажам и да биде доволен за да го опише тоа што вие и сите ние го загубивме. Но, токму зборовите се тоа што не држи во живот. Борбата на обичниот човек за правда е борба за помнење наспроти заборавот. Сите ние сме заедно во ова. Заедно почнавме и заедно ќе продолжиме. Сакам да се погледнете сите помеѓу вас. Токму вие, семејствата и пријателите, покажавте што значи да не се заборави. Покажавте што значи љубов. Покажавте што значи грижа. Сите ние, секој на свој начин, го продолжуваме споменот, животот и меморијата на ангелите кои ги загубивме на 16. март. Како што Чемерски, камен по камен, го создал вечниот Мозаик на слободата, така и ние со нашите дела, борба грижа и љубов го креираме мозаикот преку којшто ангелите ќе продолжат да живеат во вечноста и сеќавањето на македонскиот народ. Ве повикувам со петминутен молк да се потсетиме на жртвите и да се потсетиме, зошто не смее да заборавиме, истакна Ефтимов.

Собирот заврши со петминутен молк, како чин на почит и потсетување зошто ниту една жртва не смее да биде заборавена.
Пораката од Кочани беше јасна: „Нека тишината зборува за љубовта што останува“.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






