Општинската организација на Црвен крст Кочани, во соработка со Одделението за внатрешни работи Кочани спроведе симулациска вежба за превенција од употреба на пиротехнички средства, што вообичаено најмногу се користат во периодот на новогодишните празници.
На вежбата, што се реализираше на платото во Трговскиот центар, учествуваа волонтери од Црвен крст, како и униформирани службеници од Полициската станица во Кочани.

-Како што веќе можете да проследите, дел од вежбата е несоодветно и несовесно однесување на група млади луѓе кои употребуваат пиротехнички средства и настанува несреќа со повреда, односно со ампутирани прсти. Понатаму реагира полицијата и се укажува прва помош на повреденото лице. Со оваа кампања сакаме да ја подигнеме информираноста кај младите луѓе, но не само кај младите, туку и кај родителите затоа што сметаме дека информирањето е клучно за превенција. Вакви несреќи може да се превенираат. Исто така, би апелирале дека убави празници доаѓаат во наредните денови, но треба да се однесуваме безбедно, да ги почитуваме правилата, пред сѐ затоа што здравјето и животот се нешто што е најценето, истакна Анета Коцева, секретар на ОО Црвен крст – Кочани.

Симулациската вежба е дел од национална кампања за превенција од употреба на пиротехнички средства и се реализира во седум градови во државата.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






