Детската градинка „Павлина Велјанова“ од Кочани ќе отвори уште три нови воспитни групи. Со тоа ќе се зголеми капацитетот и ќе одговори на барањата на родителите кои со години чекаа прифаќање на децата.
Советот на Општината даде согласност да се оформат две воспитни групи во објектот „Ѕвездички“ во населбата Усова Чешма и една во објектот „Цветови“ кај Градскиот пазар. Во новите групи ќе бидат згрижени педесетина деца од листата на чекање, на која веќе се запишани 147 деца..
Од градинакта велат декла согласно Законот за заштита на децата, за се одговори на потребите за згрижување на деца во градинка, може да се прилагодат и други просторни услови, особено за децата од предучилишна возраст. Притоа веќе било поднесено барање до Министерството за труд и социјална политика за да одобри вработување нов кадар: воспитувачки, негувателки и технички персонал.
Во четирите објекти во Кочани и еден во Оризари, кочанската градинка во моментот згрижува 720 деца на возраст до 6 години, а во нив има 86 вработени, од кои 55 се во воспитно-згрижувачката дејност, а останатите се администартивно-технички персонал.
Општина Кочани веќе изготви проект за нова детска градинка во населбата Драчевик, чија изградба ќе ги реши актуелните потреби за згрижување на децата од предучилишна возраст, не само од Кочани, туку и од соседните општини.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






