Фудбалерите на ГФК „Осогово“ беа домаќини на хуманитарен натпревар што денеска на стадионот „Никола Мантов“ го одиграа со ФК „Вардар“ од Скопје во чест на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“.
Подобри беа гостите и забележаа убедлива победа од 4:1, иако крајниот резултат воопшто немаше значење, со оглед што спортистите и публиката која дојде да ги види, дадоа поддршка за изградбата на спомен-обележјето „Патека на вечноста“.

Пред почетокот на натпреварот таткото на починатиот фудбалер Андреј Лазаров, Горан се заблагодари на двете екипи и на гледачите за покажаната солидарност.

-Денешниот фудбал не е натпревар, туку симбол на човечност, на подадена рака, во моменти кога таа рака најмногу ни треба. Ниту една победа не е поважна од солидарноста што ја гледаме денес на трибините, истакна Лазаров.

Покрај средствата од продадените билети, дополнителен придонес даде фудбалерот Стојанче Велинов кој на лицитација го стави својот дрес што го носеше на одигрувањето на Купот на Македонија, при што навивачката група „Комити“ од Скопје го купи за 23 илјади денари и го подари на навивач на „Осогово“.

Во знак на почит кон загинатите во трагедијата имаше симболичен прекин на играта во 63 минута, а по едноминутниот молк беше упатен силен аплауз.
Почит кон загинатите Томас Златков и Александар Стојанов кои беа членови на навивачката група „Сејмени“, како и кон останатите жртви во трагедијата искажаа и верните навивачи на „Осогово“.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






