Со цел обновување на шумскиот фонд и оддавање почит на своите прерано заминати колеги, Клубот за планински спортови „Осоговски орел“ од Кочани денеска спроведе успешна акција за пошумување.
Во рамките на оваа иницијатива беа засадени 300 садници од двегодишен багрем, кои беа набавени со сопствени средства на клубот. Во акцијата, која се реализираше во соработка со подружницата на ЈП „Национални шуми“ – Кочани, учествуваа дваесетина членови на планинарскиот клуб.

Денешниот настан имаше и силна емотивна порака, бидејќи беше посветен на настраданите во пожарот во „Пулс“, како и на членовите на клубот Ѓорѓи Величков и Диме Димитриев, кои го загубија животот во трагедијата.

По завршувањето на пошумувањето кај локалитетот Пресечена Скала, беше организирана и планинарска тура. Учесниците се движеа по патеката од местото на пошумување, преку локалитетот Мактеон, сè до водопадот кај браната Гратче, по што се вратија на почетната позиција, поминувајќи околу 11 километри.

Оваа активност нема да биде еднократна, туку од Клубот најавуваат дека акцијата ќе стане традиционална и ќе се спроведува двапати годишно – во текот на пролетта и есента.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






