18-годишниот Андреј Ангелов од Зрновци годинава најмногу среќа и успех во фаќањето на крстот што беше потопен во реката Зрновка. Голем број православни христијани од Зрновци, Мородвис и Видовиште присуствуваа на свечениот чин на водосветот што се изведе на мостот на реката кај основното училиште “Синиша Стоилов“.
15 млади момчиња од трите населени места во општина Зрновци учествуваа на традицијата што во слава на Христовото крштевање овде се изведува со години наназад.

-Скокам по петти пат и денеска среќата ме послужи токму мене. На сите им посакувам здравје, среќа и љубов, како и помалку деца без родители, истакна Ангелов.
Градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев од име на Општината на Ангелов му додели подароци посакувајќи му здравје, успех и среќа во животот.

-Нека е за многу години Богојавление – Водици, истакна градоначалникот Коцев. Утрово заедно со верниот народ од општина Зрновци во храмот „Св. Димитрија“ отец Лазар Коцев спроведе божествена литургија и со литија до мостот каде што традиционално го потопуваме крстот во водите на реката Зрновка. Мило ми е што огромен број млади беа пријавени. Посакувам многу здравје, среќа и бериќет во секој дом, истакна Коцев.
Благослов и честитки Ангелов доби и од Македонската православна црква, како и од своите сограѓани. Заблагодарувајќи се за убавите желби, тој истакна дека ќе продолжи да учествува во одбележувањето на празникот Водици.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.