Јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура го објави официјалниот возен ред за патничките возови во државата, а што ќе важи од денеска до 13 декември 2025 година.
Во списокот на правци кон кои ќе сообрааќаат возовите се наоѓа и железничката станица во Кочани, со време на поаѓање и пристигнување. Практично, тоа се истите термини што важеа и пред неколку години, кога беше вообичаено да се слушне свирежот на локомотивата што го означуваше тргнувањето на возот.
Сепак, во возниот ред на Железници покрај називот Кочани е ставена ѕвездичка () како забелешка во објаснувањето најдолу дека „Привремено не сообраќа“. Истата ознака ја има и за железничкиот правец од и кон Кичево.
Ова појаснување од јавното претпријатие значи дека возниот ред е само набројување на железничките станици во државата, но не и реална табела според која ќе сообраќаат возовите низ државата.
Последен пат свирежот на локомотивата на железничката станица во Кочани се слушна во средината на март 2021 година, кога околу 5 часот изутрината тргна патничкиот воз за Скопје. Следниот ден воз немаше, а на шалтерот од билетарницата во станицата осамна ливче со рачно напишано известување дека билети не се продаваат. Зошто и до кога – немаше објаснување.
Тогаш, по барање од Канал 8, од ЈП „Македонски железници“ кратко одговорија дека релацијата кон Кочани не е опфатена со измените во возниот ред поради воведените мерки заради Ковид состојбата и спроведувањето на полицискиот час. Неколку месеци подоцна следуваше ново објаснување за прекинот на патничкиот транспорт по единствената железничка линија кон Истокот, при што од претпријатието го наведоа дефектот на локомотивата чие сервисирање се најавуваше до почетокот на јуни 2021 година.
Иако во меѓувреме сите мерки и ограничувања во врска со Ковид пандемијата престанаа да важат, а веројатно и дефектот на локомотивата бил отстранет, патничкиот воз кон Кочани не се врати на редовната линија. Според најновиот возен ред на Железници, така ќе остане и во текот на наредната година, што значи дека познатите стихови „Возот иде од Кочани…“ постепено ќе бидат заборавени.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.