Во текот на 2024 година на Гинеколошко-акушерското одделение во Општата болница со проширена дејност се родиле 22 бебиња. Докторот Илчо Атансовски, специјалист по гинекологија и акушерство во Болницата информираше дека лани биле извршени 1.500 прегледи, а хоспитализирани биле 225 пациентки.
Денеска градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов го посети Акушерското одделение, каде му ги врачи традиционалните новогодишни подароци на првото бебе кое се роди на 1 јануари во 10:45 часот.
На новороденчето Семин и на неговата мајка Есенѓул им посака добро здравје и многу среќа, а упати благодарност и до персоналот што го изврши породувањето. Подароци доби и мајката што го донесе на свет женското новороденче на 31 декември.
– Општа болница – Кочани ја испрати 2024 година со рожба женско дете, а Новата ја дочека со првороденото машко дете. На двете новороденчиња им посакувам добро здравје, мирно детство, да растат во благосостојба и радост. На граѓаните на општина Кочани им посакувам бројката на новородени деца да расте во 2025 година и да имаме пораст на наталитетот. На вработените во Општа болница им посакувам да имаат успешна работа, да се екипираат со потребниот персонал и да се грижат за здравјето на граѓаните на Општина Кочани и на соседните општини коишто гравитираат кон неа, истакна градоначалникот Папазов.
Центарот за култура „Бели мугри“ на првото бебе му подари дело од ликовниот уметник Танас Дедов, а производи доби и од Општа болница со проширена дејност – Кочани, како и од компанијата Зегин.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.