Близу илјада учесници беа дел од денешниот марш на Пониква, што Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани со поддршка од Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, го организираше во рамки на одбележувањето на 11 декември – Меѓународниот ден на планината.
Рекреативците и планинарите од повеќе клубови од државата, како и од соседните балкански земји, пешачеа на кружна патека во вкупна должина од над 7 километри, со висинска разлика од 300 метри, на релацијата од паркингот пред одморалиштето на МВР до врвот Панаѓур на 1669 метри надморска височина и назад, до манастирот Св. Василиј.
Временските услови беа погодни за реализација на маршот, со сончево и тивко време, иако на дел од патеката имаше снег, што не ги попречи учесниците да ја комплетираат маршрутата. На врвот Панаѓур тие имаа кратка пауза, а во просториите на манастирот беше подготвен ручек со музичко-забавна програма.
Претставници од Федерацијата за планинарски спортови им доделија благодарници и признанија на клубовите учесници на маршот, како и на планинари кои во изминатиот период учествувале во искачување на високи планински врвови. Исто така, беа доделени и две признанија за животно дело.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.