Два локални патни правца ќе изгради Општина Зрновци во наредниот период, а за што ќе ги искористи средствата што како поддршка ќе ги добие со Повикот од Владата за финансирање на проекти во локалните самоуправи.
Општината веќе има изготвено проектни документации и издадени градежни дозволи за изградба на сообраќајниците чија вредност се проценува на околу 18,5 милиони денари, односно близу 300 илјади евра.
На последната седница на Советот на Општината, градоначалникот Борчо Коцев нагласи дека се размислувало дел од парите да се наменат и за изградба на капела кај гробиштата во Зрновци, но приоритет ќе добијат проектите на кои граѓаните чекаат скоро една деценија.

-Значи локален пат од местото викано Циганско Маало до место викано Ташл‘к со должина од околу 1.300 метри и финансиска вредност 11 милиони и 116 илјади денари, како и изградба на локалниот пат од место викано Оризови Гумна до Друмот во село Видовиште од 7 милиони и 409 илјади денари. Вкупната финансиска конструкција на овие два проекта е 18 милиони и 525 илјади денари или околу 20.000 евра повеќе од тоа што нѐ следува. Ние со одлука на Совет можеме да донесеме одлука за кофинансирање и да аплицираме со овие многу битни два проекти, од огромно инфраструктурно значење, а капелата да ја оставиме за тековниот период и да видиме каде би можеле да ја аплицираме. Сметам дека треба во 2025 година да обрнеме малку повеќе внимание на патната инфраструктура и на сето онаа што и пред нашиот состав е ветувано, а не е реализирано, значи да ги решаваме работите по приоритет, истакна градоначалникот Коцев.
Според Коцев, новата и современа патна инфраструктура е од витално значање за градење и развивање на општината, особено што локалниот пат во Зрновци покрај течението на реката Зрновка е во близина на локација што е планирана за нова индустриска зона. Дополнително со изградбата на сообраќајниците ќе се олесни и транспортот и функционирањето за земјоделските производители, а ќе се добијат и нови правци за пешачење, рекреирање и спортување во еколошка и здрава животна средина за сите љубители на спортот и природата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.