Граѓани од Кочани кои го почитуваат ликот и делото на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, како и членови на граѓанското здружение што го носи неговото име, и годинава отпатуваа до Белград за да му оддадат почит на својот патрон. Со тоа го реализираат најавеното патување по повод традиционалното одбележување на 4 мај – денот на Титовата смрт.
Заедно со членови од делегациите од другите градови од некогашна Југославија, кочанските титовисти во неделата попладне ја посетија Куќата на цвеќето, местото каде што се наоѓа гробот на Тито. Притоа со букети цвеќе, во став мирно и со војнички поздрав точно во 15 часот и 5 минути кога пред 45 години беше објавена смртта, му одадоа почит на поранешниот маршал и претседател на заедничката држава.

Престојот во Белград нашите претставници ја искористиле и за да се запишат во спомен книгата, при што ги пренеле желбите никогаш да не згаснат сеќавањата на ликот и делото на некогашниот југословенски претседател.
Делегацијата од Кочани ѝ оддаде почит и на неговата сопруга, Јованка Броз, чиј гроб исто така се наоѓа во Куќата на цвеќето.

Според информациите од членовите на нашата делегација, тие оствариле контакти со повеќе нивни колеги од слични здруженија од градови од Србија, Хрватска и Словенија. Притоа биле разгледани можностите за меѓусебни посети и учество на свечености поврзани со настани и луѓе кои биле дел од југословенската историја.
Трошоците за патувањето на кочанските титовисти во Белград се покриени од сопствениот буџет.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.