Секторот за финансиски прашања во Општина Кочани го почна процесот на креирање на Буџетот за 2027 година и упати јавен повик до сите граѓани, институции и здруженија за активно учество со свои идеи и предлози.
Главната цел на овој повик е директно да се вклучи јавноста за да се согледаат реалните потреби на заедницата при планирањето на општинските средства.
Граѓаните, поединците и организациите можат да поднесат конструктивни предлог-проекти за развојни програми од повеќе сфери во надлежност на локалната самоуправа.

Од инфраструктурата и урбанизмот можат да бидат опфатени прашања поврзани со комуналните дејности, урбанистичкото планирање и заштитата на животната средина. Од економијата и општествениот развој опфатени се локалниот економски развој, поддршката на граѓанскиот сектор и меѓународната соработка. Кај јавните услуги и социјалата, предлозите и проектите можат да се однесуваат на образование, култура, социјална и здравствена заштита, спорт и млади, како и еднакви можности меѓу мажите и жените.
Сите предлог-проекти и активности треба да содржат соодветна финансиска конструкција и да се достават на посебна пријава.
Пријавите може да се подигнат и предадат преку Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани или да се испратат во електронска форма на е-адресата [email protected].
Општината ги дефинира и крајните рокови за аплицирање, при што до 16 октомври се поднесуваат предлог-проекти од делот на инфраструктурата, комуналните работи и урбанистичкото планирање, а до 20 ноември предлози од областа на спортот, културата, социјалната заштита и останатите општествени сфери.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






