Кочанецот Владимир Грчев освои златен медал на Меѓународниот натпревар „Stelele Informatici 2025 – Ѕвезди на информатиката 2025“ што се одржа во Букурешт, Романија.
Под мотото „Учиме заедно, растеме заедно, инспирираме заедно“ натпреварувањето се одржа трета година по ред и претставува собир на најдобрите млади програмери и информатичари, кои претходно учествувале на националните олимпијади или на други меѓународни натпревари.
На натпреварот имаше 116 учесници од 10 земји, од кои 49 се натпреваруваа на лице место, а 67 беа онлајн. Грчев, кој ја претставуваше Македонија, постигна одличен успех и се закити со највисокото признание. Со освоени вкупно 373,5 поени тој имаше петти најдобар резултат и се најде во групата на освојувачи на златен медал.
Организатор на натпреварот беше Mеѓународното теоретско средно училиште за компјутерски науки од Букурешт.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






